Спроведуваме системски инвестиции за подобрување на студентскиот стандард за подобри услови за студентите за нивното секојдневие

14.02.2020

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми, и со директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, направија увид во завршените работи за реновирање на блоковите В и Г во Студентскиот дом „Гоце Делчев“

Во овој студентски дом е завршено реновирањето и комплетно се уредени студентските соби со капацитет за 600 студенти, во кои се вградени нови тоалети, поставени системи за видео надзор и за превенирање од пожари, а во завршна фаза се активностите за целосно уредување на дворот. Се поставуваат нови клупи, осветлување, високо и ниско зеленило, паркинзи за точаци, рампи за контрола на влез и излез и е обезбеден пристап за специјални возила.

„Владата предводена од СДСМ и од коалицијата уште на стартот на својот мандат во 2017 година, започна сериозни и системски инвестиции за подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард и за овозможување подобри услови за студентите,за нивното секојдневие во студентските домови. Младите, учениците и студентите, се иднината на државата и затоа е потребно постојано да се вложува во нив. Најодговорно презедовме темелни иницијативи во таа насока, и продолжуваме со мерките кои значат подобри услови, повисок стандард односно подобар живот за сите млади во нашата земја“; истакна Спасовски во изјавата за медиумите.

Премиерот Спасовски соопшти дека покрај комплетираното реновирање на блоковите В и Г во „Гоце Делчев“, се работи и на големото реновирање на зградите 1 и 2 во студентската населба „Стив Наумов“, како и на уредувањето на заедничките простории за обуки и дружење на студентите во „Кузман“.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми нагласи дека Владата води континуирана грижа за унапредување на студентскиот стандард.

Директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, потенцираше дека во пакетот промени за подобар студентски стандард и за пресврт на квалитетот на студентското живеење значајни и квалитетни промени се направени во исхраната во студентските ресторани.

Во таа насока е и новото законско решение за субвенциониран оброк за сите редовни студенти кои се на додипломски студии на државните, но и на приватните универзитети во нашата држава.

Субвенцијата изнесува 2.400 денари месечно или 120 ден. дневно и ќе биде на товар на државниот буџет, а ќе се исплаќа на давателите на услуги во рестораните кои што услужиле студент.

Во изјавите за медиумите беше нагласено дека Владата и Министерството за образование и наука остануваат фокусирани на политиките за поддршка и за подобар стандард на младите и студентите, за создавање услови да се образуваат во земјата и да ги препознаат и прифатат можностите за да го дадат својот придонес за развојот и напредокот на нашата земја.

 

извор/влада на рсм