Македонија

19 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Денеска се навршуваат 19 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001 и се поставија темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалку бројните етнички заедници. Договорот беше резултат на едномесечни преговори со поддршка од претставниците на Европската комисија и  од САД. Договорот се покажа како клучен за зачувувањето на 

суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата.

По скоро две децении, со неговото спроведување, нашата земја ги зачува мирот и стабилноста, и постави највисоки стандарди за правата на заедниците. Денес, не постои причина да се сомневаме во иднината на мултиетничка и мултикултурна Република Северна Македонија која како член на НАТО, и се надевам во скоро време како членка на Европската Унија, нуди перспектива и благодат на сите свои граѓани. Да не дозволиме ништо да ги наруши единството, соживотот и меѓусебната почит. Мораме да ги оставиме конечно во историјата сите конфликти и недоразбирања. Да продолжиме да ја следиме визијата за иднината и да работиме за просперитетот и за доброто на сите наши граѓани.

Охридскиот договор не беше лесно да се постигне. Во оваа прилика мора да им оддадеме признание на лидерството на претседателот Борис Трајковски и на претставниците на политичките партии како потписници на Договорот. Заедно со поддршката на меѓународната заедница која е перманентна сиве овие 19 години и која никогаш не престанала да ја поддржува нашата земја, во 2001-та година нашето политичко лидерство спречи ескалација на конфликт кој ќе донесеше огромни човечки загуби и разорувања и во кој никој не победува.

Охридскиот договор немаше за цел да инаугурира победници и да прогласи поразени. Тој е основата за градење соживот за сите граѓани на Република Северна Македонија. По две децении не смееме да имаме делби и скепса. Да останеме посветени на економскиот напредок и на благосостојбата на сите наши граѓани и сложно да се соочиме со сите предизвици. Токму пандемијата со КОВИД-19 е сериозен тест за нашата функционалност, организираност, но и солидарност и заедништво. Премногу жртви дадовме, предолг пат изминавме, премногу време изгубивме, враќање назад нема, одиме напред сплотени и обединети.  

Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори