Македонија

Филипче: Има суштинска разлика меѓу првиот и овој бран

 

Министерот Филипче: Има суштинска разлика меѓу првиот и овој бран, тогаш не знаевме што може да очекуваме, сега знаеме што се случува и имаме капацитет да се справиме со овој бран

 

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот КОВИД-19 во земјата.

Според податоците, до утрото, на Клиниката за инфективни болести примени се шест пациенти, а хоспитализирани вкупно 40 и нема пациент којшто е на механичка вентилација. На оваа клиника на кислородна поддршка се вкупно 16 пациенти.

Во ГОБ „8-ми Септември” хоспитализирани се вкупно 31 пациент, од кои на респираторна машина се шест пациенти. Во болницата во Битола хоспитализирани се седум пациенти, во болницата во Штип 14. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп вкупно хоспитализирани 27 пациенти. За состојбата во Штип, министерот Филипче изјави:

„Во Штип се затворени шест конфекции, дадени се 55 решенија за самоизолација, во текот на следните денови ќе се тестираат околу 600 вработени. Досега се направени 100 тестирања. Еден дел од вработените се наоѓаат на своите работни места, но не заради работа, туку со цел да се направат тестирања, значи да се земат брисевите и материјалите. Во Тетово се издадени осум решенија за позитивно дијагностицирани пациенти, 54 за нивни контакти и имаме информации за еден нов кластер, еден позитивен со решение за самоизолација, а се прават анкети на 40 вработени. Тоа е во еден правен субјект во Тетово. До вчера се направени вкупно 70 тестирања таму, планирани се 150. Во однос на активностите на други места, од вчера, 12 позитивни преку кумановскиот Центар за јавно здравје: 11 се од Липково и тука интензивно работи, денеска, екипата на Центарот за јавно здравје во Куманово помогната од епидемиолозите од Кратово и Крива Паланка. Интензивно се работи и во Скопје во Чаир и во Студеничани”.

Според Филипче, огромен број контакти од вкупно дијагностицираните се во рамки на десет семејства и тука се прават интервјуа, се ставаат луѓе во изолација и се тестира, согласно ризикот кој епидемиолозите го проценуваат од анкетите.

„Во однос на скринингот, во приватен дом за стари лица кој што има објекти во Ченто и Кадино, во едниот се позитивни две штитенички, а во другиот тројца вработени. Изанализирани се сите контакти и дадени решенија за изолација. Има информација за позитивен полицаец од пограничната полиција, од странство, кој после враќањето во Унгарија бил тестиран и е позитивен и согласно тоа вчера се направени анкети и 30-тина странски полицајци кои што се на јужната граница и 30-тина наши полицајци кои биле во контакт со полицаецот кој заминал, ќе бидат денеска тестирани. Завршени се анкетите и дадени се решенија за изолација”, информираше Филипче.

Во однос на рестриктивните мерки, коишто беа најавени во текот на вчерашниот ден, Комисијата ги разгледува, се уште нема одлука, се следат информациите, бројките од денеска, ќе се следат и во текот на следните денови.

Филипче упати апел до граѓаните дека игнорирањето на вирусот и негирањето дека тој не постои нема да помогне во надминувањето на состојбата, нагласувајќи дека секаде во светот станува збор за имплементирање на истите мерки за заштита на населението и елиминирање или намалување на ризикот од ширење на заразата, маската, дистанцата, редовното миење, дезинфекција на рацете, се единствениот механизам којшто може да  нè заштити и како поединци и како општество.

„Граѓаните кои се одговорни, кои доследно се придржуваат до овие мерки, треба да бидат пример за сите останати поради тоа што рестрикциите и повторното затворање се непожелни, и ние може да ги избегнеме само доколку се однесуваме дисциплинирано и ги прифатиме овие нови правила кои што впрочем не се само во нашата земја, туку и во сите други земји во регионот, во Европа, практично во целиот свет. Во контекст на Комисијата за заразни болести, таа интензивно работеше, анализираше податоци, секој изминат ден, кумулативно, две консекутивни недели врз основа на тоа се димензионираа мерките и се разгледува можноста за враќање на рестрикциите. Но, како што кажав одлука за тоа ќе се носи врз основа на податоците, анализа на тоа од каде доаѓаат позитивните случаи, пациентите, дали ги знаеме контактите. Во Комисијата членуваат врвни експерти кои имаат огромно искуство, и во својот професионален делокруг на делување, и покрај редовните обврски како епидемиолози, инфектолози и понатаму, интернисти, лекари, даваат несебичен придонес во оваа работа. Искуството, членовите на Комисијата го црпат и од справувањето со претходни епидемии и пандемии, минатата година во нашата земја, меѓутоа и други пандемии како онаа на САРС, кога впрочем се изготвени и многу протоколи. Секогаш со препораки и соработка со Светската здравствена организација, протоколите се користеа и на почетокот на оваа епидемија, кај нас нормално се модифицираа согласно карактеристиките на болеста, но нивната експертиза помогна многу да се имплементираат. Многу пати досега, спомнавме дека и граѓаните се еден од најважните делови од целокупниот систем, влогот на граѓаните, поддршката на институциите се клучни во справување, како со други така и со оваа кризна состојба која го погодува целото општество. Сите сме засегнати, и како поединци, и како држава, и сите придонесуваме во решавањето на овој проблем”, посочи министерот Филипче.

Министерот Филипче истакна дека овој изминат период, состојбата на здравствениот систем, капацитетите на згрижување пациенти, големиот дел слободни болнички кревети, нискиот број заразени здравствени работници, бројот на слободни респираторни машини, познатите кластери, што го потврди оваа интензивна активност, во изминатите неколку денови од анализа на контактите и сите други индикатори, укажуваат дека точно знаеме што се случува и имаме капацитет да се справиме и со овој бран на болеста.

„Има суштинска разлика меѓу првиот и овој бран, тогаш не знаевме што може да очекуваме, не знаевме колку може да се прошири вирусот, имаше многу непознати и за самиот вирус, Не знаевме колку може да го оптовари здравствениот систем, сега имаме друга состојба, имаме повеќе знаење, ресурси, сериозно надграден здравствен систем во однос на капацитети за сместување, во однос на медицинска опрема и во однос на знаењата на здравствените работници. Тоа е задачата на системот да биде организиран и подготвен, односно да сме сигурни дека можеме да се носиме и со овој бран. Уште еднаш апелирам до сите граѓани, да се почитуваат мерките на лична заштита, протоколите на движење, држење дистанца. Ги повикувам надлежните, тоа да го контролираат и да го санкционираат таму каде има прекршување, зашто тоа е единствениот начин да се заштитиме и да го спречиме ширењето на вирусот”, информираше Филипче.

 

извор / влада на рсм

Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори