Македонија

Со неприфаќањето на Уредбата на ВМРО-ДПМНЕ за ограничување на придонесите кон вториот столб ја штитиме личната сопственост на 500 илјади осигуреници

Уредбата со законска сила за ограничување на преносот на придонесот за задолжително и капитално финансиско пензиско осигурување којашто на денешната седница ја предложи ВМРО-ДПМНЕ преку својот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев е на штета на осигурениците и од тие причини Владата не ја прифаќа.

Со Уредбата е предвидено од април до крајот на 2020 година да не се врши уплата на задолжителниот дел од придонесот за пензиско осигурување на осигурениците во приватните пензиски фондови, а истиот да се компензира на сметките на осигурениците во период од три фискални години, започнувајќи од 2022 година. Како Влада којашто е одговорна кон секој поединец во државата сметаме дека е неодговорно да се манипулира со средствата на граѓаните.

За неприфаќањето на уредбата ги даваме следните аргументи:

– Средствата за пензиски придонес се сопственост на постојните осигуреници – идни пензионери, и со оваа уредба предложена од ВМРО-ДПМНЕ директно би се засегнала личната сопственост на околу 500 илјади осигуреници.

– Исплатата на платите за месец март во април, е веќе во фаза на реализација, а со тоа и преносот на средства на оние осигуреници кои земале плата е реализиран на нивните сопствени сметки во приватните фондови.

– Не е прикажана финансиска проекција со која би се презентирал очекуваниот фискален ефект од оваа Уредба врз ликвидноста на Буџетот на Фондот за пензиско осигурување, особено во услови кога се очекува намалена наплата на придонес за пензиско осигурување.

– Средствата на осигурениците во приватните пензиски фондови во најголема мера се пласирани во државни хартии од вредност со кои се финансира дефицитот на Буџетот на Република Северна Македонија, а со тоа индиректно е обезбедено и финансирање на дефицитот на Фондот за ПИОМ.

– Со оваа уредба на ВМРО-ДПМНЕ времено се дерогира целокупниот пензиски систем, кој и онака е предмет на континуирани реформи во изминатите неколку години со цел целосно расчистување на сите права и обврски како на осигурениците така и на корисниците на пензии.

Претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ во своето неодговорно владеење направи целосен колапс на пензискиот систем, којшто сегашната Влада со одговорни реформи го стабилизираше. Успеавме да го намалиме дефицитот за  3,7 милијарди денари, а истовремено да ги зголемиме пензиите.

Потсетуваме дека обезбедивме 19 милиони евра со кои ги уплативме придонесите на 12.000 осигуреници во вториот столб. На овие осигуреници неколку години им биле префрлани 0 придонеси од ПИОМ кон приватните друштва како резултат на штетните и неодговорни политики на претходната Влада.

Со почит,

 

Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат
Булевар „Илинден” бр. 2, Скопје
Република Северна Македонија
+389 2 3123 371; +389 2 3122 375
press@vlada.gov.mk
vlada.mk
Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори