Македонија

Истрага за три лица за Неовластено производство

производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

По повеќедневни активности и насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи и Царинската управа спроведоа акција во која во бункери на возило е пронајдена наркотична дрога – хероин во вкупна нето маса од 4.951,7 грама, а две лица се лишени од слобода. Надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидено и казниво по чл.215 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

На 07.03.2020 година во претпладневните часови првоосомничениот, заедно со второосомничениот – полициски службеник, заминале за Тетово со патничко моторно возило “Голф 5“. Од Авто сервис во Тетово земале патничко моторно возило “БМВ 530Д“ во кое од лева и десна страна на крилата имало специјално направени бункери, по што се упатиле кон бензинска станица на автопатот Скопје –Петровец. Таму го оставиле возилото со специјално направените бункери и заедно заминале кон Скопје со патничкото моторно возило “Голф 5“. Вечерта, осомничениот полициски службеник, преку граничниот премин Долно Блаце, по упатства на првоосомничениот, заминал за Косово каде се сретнал со непознато лице од Приштина. На средбата биле договорени деталите за неовластеното купување и пренесување на наркотична дрога – хероин.

Утредента, во попладневните часови, по претходен договор, првоосомничениот со возило “Ауди“ и третоосомничениот со возилото “БМВ 530Д“ со направените бункери, преку граничниот премин Долно Блаце се упатиле кон Приштина. За време на патувањето, осомничениот полициски службеник им давал насоки за точната локација од каде треба да се набави хероинот. Откако дрогата била сместена во бункерите на возилото, осомничените преку два различни гранични премини – Долно Блаце и Белановце се вратиле во Р.С.Македонија. Сретнувајќи се кај с.Никуштак, продолжиле да се движат со возилата, еден зад друг, кон Скопје. На влезот од хотел „Белви“, возилото со хероинот било запрено од страна на полициски службеници и спроведено до Царински терминал каде мобилен тим на Царинската управа извршил контрола над возилото и пронашол 10 полиетиленски пакувања со наркотична дрога – хероин во бункерите на возилото.

Полицискиот службеник и третоосомничениот – возач на “БМВ 530Д“ се лишени од слобода и по предлог на јавен обвинител, Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, им определи мерка притвор во траење од 30 дена. Првоосомничениот при обид од страна на полициските службеници да биде запрен и легитимиран, со возилото “Ауди“ се дал во бегство во правец кон с.Арачиново. Возилото е пронајдено, а по осомничениот се трага.

Предметниот обвинител издаде низа наредби за анализа и вештачење на обезбедени и подигнати траги, при кримтехничка обработка на возилото “Ауди“, за анализа и вештачење на податоците содржани во мобилните апарати одземени од осомничените, како и наредба за вештачење на пронајдената дрога. Во текот на истражната постапка, ќе бидат преземени сите неопходни дејствија за расветлување на кривично-правниот настан.

izvor/JORM

Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори