Македонија

ИЗБОРИТЕ ПОМИНАА ВО ФЕР И ДЕМОКРАТСКА АТМОСФЕРА

Прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека изборите поминаа во фер и демократска атмосфера. Граѓаните повторно учествуваа во изборен процес во кој слободно можеа да ја изразат својата волја. Изборната администрација ефикасно го спроведе гласањето под посебни здравствени протоколи поради пандемијата на КОВИД-19, со што граѓаните можеа безбедно да го остварат своето право на глас. Во текот на изборниот ден беа забележани само неколку изолирани случаи на неправилности кои не влијаеја на квалитетот на изборниот процес.

Изборна кампања

Изборната кампања помина во генерално релаксирана атмосфера. И овој пат не беа забележани инциденти кои влијаеја на атмосферата во која се спроведе истата, што го продолжува трендот на подобрување во последните неколку изборни процеси. Исклучок претставуваат случаите на негативна кампања и користењето на националистичка реторика. Поради пандемијата на КОВИД-19, начинот на кој се водеше кампањата беше променет, и таа се одликуваше со помали митинзи, непосредни средби со граѓаните и т.н. кампања од врата до врата.

Злоупотреба на државни ресурси

Државната комисија за спречување на корупцијата постапи по шест приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и три приговори поднесени од непознат подносител во однос на потенцијална злоупотреба на државните ресурси. Прифатени беа два приговори од ВМРО-ДПМНЕ. ДКСК ја продолжува позитивната практика од претходните избори во однос на постапувањето по евентуалните прекршувања, а овој пат сите одлуки беа донесени во согласност со Изборниот законик.

Избирачки список

Иако на овие избори не беше забележан поголем број избирачи кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список, сепак, во јавноста повторно се појавија шпекулации поврзани со истиот, кои беа во насока на нарушување на довербата во изборниот процес. Затоа, МОСТ ги охрабрува надлежните институции да продолжат поефикасно да ги отстрануваат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список, посебно во однос на стандардизирање на податоците за адресите и координацијата помеѓу надлежните институции.

Изборна администрација

ДИК работеше во ефикасна и колегијална атмосфера. Позитивно се оценува транспарентноста на нејзината работа, имајќи предвид дека седниците беа јавни, и беа пренесувани на интернет. Сепак, ДИК треба да продолжи да ги зајакнува техничките капацитети во оваа насока, со што на сите заинтересирани граѓани ќе им овозможи да ги следат седниците без никакви пречки.

 

ДИК постапуваше по 42 приговори за предвремен почеток на изборната кампања, при што ги одби сите, со образложение дека нема доволно докази за постапување. Сепак, од прилозите и написите во медиумите беше јасно дека одредени учесници предвреме ја започнаа изборната кампања. Поради тоа, МОСТ ја повторува својата препорака за соодветно регулирање на периодот помеѓу потврдувањето на кандидатските листи и почетокот на кампањата.

 

ДИК повторно спроведе теренска кампања за едукација на гласачите, при што позитивно се оценува тоа што истата беше фокусирана на тоа да им објасни на гласачите дека гласањето е безбедно. ДИК оваа кампања интензивно ја водеше и на социјалните мрежи.

 

По завршувањето на изборниот ден, ДИК се соочи со хакерски напад на веб-страницата за резултатите од изборите, со што јавноста немаше целосен увид во првичните резултати, а веб-страницата се уште не е функционална. Тајмингот во кој се изведе овој напад дава индиции за сомневање дека се работеше за однапред испланиран обид за нарушување на довербата во изборниот процес.

 

 

Правна рамка

Изборниот законик беше изменет на денот пред распишувањето на изборите, 15 февруари 2020, што е во спротивност со меѓународните стандарди и практики. Имајќи предвид дека измените беа суштински, а веќе стана вообичаено Изборниот законик да се менува непосредно пред изборите, оваа практика треба да престане. МОСТ апелира по завршувањето на изборите да продолжи сеопфатниот и инклузивен процес на изборни реформи којшто беше спроведен во 2019 година од Министерството за правда, и во кој ќе бидат имплементирани и останатите препораки на домашните и меѓународните набљудувачи.

 

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

 

 

За набљудувачката мисија на МОСТ

Граѓанската асоцијација МОСТ ги започна активностите за набљудување на изборите на 1 јуни 2020 година. МОСТ распореди 30 долгорочни набљудувачи во сите општини низ државата кои ги следеа сите аспекти од процесот. Денот на изборите МОСТ го следеше со 696 набљудувачи, со што беа покриени 20% од вкупниот број на избирачки места. Предмет на набљудување беше и работата на ДИК и општинските изборни комисии.

 

Набљудувачите на МОСТ беа статични и ја следеа постапката на гласање во текот на целиот ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 55 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

 

# # # # #

 

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2020“ е поддржан од: Британска амбасада Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и Швајцарската агенција за развој и соработка.

 

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори