Култура

ЕДНАКВИ, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ / 15. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ

  1. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ 2020

ПРОДОЛЖУВА ВО КАВАДАРЦИ

 

 

Со изработка на мурал на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци се завршува серијата АКТО мурали со која се отвори годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат(ФР~У).  Во периодот што следува, АКТО продолжува со свои активности кои ќе бидат дополнително објавени.

Авторка на муралот е ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска, а во изведбата учествуваа и уметниците Симона Манчева и Ненад Тонкин. Изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Општина Кавадарци и К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО од Кавадарци.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои изминативе месеци се изработија во уште 6 други градови во земјава и тоа во Битола, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор–Прилеп; Народен Театар Битола;Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани, Општина Кавадарци, К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Овој зафат, кој се протега на површина од околу 700 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Александар Јовановски и Ивана Васева.

 

Муралот „Еднакви, заедно посилни“, преку варијација на приказната за џиновската репка, зборува за солидарноста, но и за еднаквоста. Џиновската репка не може од земја да ја извлече еден човек, туку здружените сили на сите помагачи. А онаму каде имаме солидарен труд, нужно е да зборуваме за сите чинители и нивната еднаква заслуга. Ако семејството почива на принципите на солидарност, тогаш тоа мора да се преслика и пошироко во општеството, и особено мора да се подаде рака кон сите индивидуи и групи кои се на маргините. Човек на човека мора да му е семејство, без оглед на меѓусебните разлики. Оттаму, силуетите се изведени со црна боја, како би се занемариле сите индивидуални специфики. Сета различност е пресликана во шаренилото на небесниот свод. Наративниот дел на муралот се протега во должина на 24 метри во вкупна површина од околу 80 м2.

 

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да  зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.

Во општество каде ксенофобијата, национализмот и  дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!

 

Покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО вклучува и АКТО – ONLINE РЕТРОСПЕКТИВА, AKTO АГОРА, AKTO ПУБЛИКАЦИЈА/АРХИВА, АКТО ЗА СОЛИДАРНОСТА како и други содржини кои ќе се објават дополнително.

 

Извадок од концептот на годинешното 15.издание на АКТО Фестивалот за современи уметности

 

Зборува АКТО!

АКТО зборува петнаесет години!

АКТО зборува во деветнаесет изданија!

АКТО зборува во многу градови во државата но и во странство!

АКТО поврзува, градови, луѓе, приказни, заедници, простори!

 

Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација,почитувањена различностите, почитувањена соседите, солидарноста, помагањетона послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.

 

За авторката на муралот во Кавадарци:

Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира 2005 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Вело Ташовски. Магистрира на истиот факултет во класата на проф. Антони Мазневски. Освен со сликање се занимава и со фотографија, интервенции во јавен простор, графички дизајн, илустрација, а од поскоро време и со перформанс. Голем дел од рецентното творештво и’ се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во општеството. Дел од творештвото и’ е фокусирано и на јавните простори, градот, урбаните политики. Заедно со Ненад Тонкин се автори на проектот Визија Скопје. Имала 17 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип. Учествувала на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Учествувала на 17 ликовни симпозиуми во Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип, каде е ангажирана пред се’ на студиската програма по Класично сликарство.

 

К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО е  хибридна установа втемелена на  модел на јавно-цивилно партнерство кој претставува еден нов модел на симбиоза помеѓу локалната власт и граѓанската мрежа со цел да се овозможи демократизација на културата и обезмоќување на политичките практики и пракси.

К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО е јавен, инклузивен и непрофитабилен центар која ја претставува независната културна сцена.

Темелната функција е овозможување на постојан простор приспособен за користење на културните уметници, професионалци и аматери или заедницата, без наплата. Постојана поддршка во продукција, промоција и афирмација на современите независни културни и уметнички пракси. Едукација од области на уметноста преку еден лесно пристапен и примамлив модел, поддржан со индивидуален пристап и стимулирачка средина.

 

АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ – ФР~У започна да го организира фестивалот АКТО во 2006 година во Битола, по што АКТО се разви во отпорна, силна и контекстуална платформа за промоција и креирање на интердисциплинарни критички програми и концепти. АКТО е фестивал на современи уметности кој се обидува да ги отвори не само темите кои се важни за моменталната социјално- политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција кои ќе ја ‘размрдаат’ состојбата на status quo. Фестивалот се одржува секој август, во Битола, и претставува паралелен настан со субвертирачка и еманципирачка мисија кон настаните кои се организирани од страна на локалните општини и културните институции.

Во 2016 и 2017 година, поради разгорените локални проблеми и потреби, АКТО се ребрендираше во ПОП АП АКТО, привремен концепт за креирање на фестивалот во другите градови во Македонија. Покрај Битола, АКТО досега се организирал во Скопје, Тетово, Штип и Кочани.

Како еден од ретките фестивали за современа уметност во земјава, а единствениот со толкав континуитет, тој годинава се случува по петнаесети пат, а ова е негово деветнаесетто издание, ако се земат предвид неколкуте „екскурзии” на ПОП АП АКТО во Скопје, Штип, Тетово во 2016 година и Кочани во 2017 година.

 

Факултет за работи што не се учат (ФР~У) е организација на културни работници кои функционираат во полињата на едукација и продукција на современи визуелни уметности и култура, со посебен фокус на истражувачката методологија, учеството и колективната акција во различни социополитички и културни контексти. Идејата на ФР~У се однесува на едукативни и на практични структури, содржејќи работи/предмети/часови кои предлагаат и истражуваат нови модели на предавање и учење, како и инсистирање на принципите на споделување, соработка, самоорганизација и заедничко учење. Формиран е во 2000 година како неформална платформа на повеќе уметници, студенти на драмски, архитектурни студии и визуелни уметности, додека во 2003 е основана организацијата за продукција на современи уметности и културни настани. Својата форма ја гради на два типа на јавни програми и една платформа: ФР~У ПРОДУКЦИЈА – оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектурно наследство, естетиката и политиките, како и нивните последици во денешниот свет. 2.  ФР~У ЕДУКАЦИЈА – Оваа програма цели кон креирање на отворена и критична едукативна пракса во земјата која ќе го стимулира знаењето стекнато преку заеднички напори и размена, наместо да биде лесно стекнато или научено. Една од дискурзивните и едукативни програми за млади уметници, СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК, се фокусира на дијалог, размена на искуства и дебата и преку теорија и пракса, а дел од истата програма е и Наградата за млад визуелен уметник ДЕНЕС. Издаваштвото на книги, брошури и весници е придружна дејност на двете програми. И третата програма е ФР~У ПЛАТФОРМА: АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ.

 

За организацијата:akto-fru.org

https://www.facebook.com/akto.festival/

Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори