Македонија

Владините политики создаваат услови за приватни инвестиции, кои придонесуваат за развој на вкупната економија

Спасовски на отпочнување на градба на модерен Логистички центар во економската зона „Илинден”

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска присуствуваше на означувањето на отпочнување со градба на нов модерен Логистички центар, на површина од 70.000 метри квадратни, односно 12.800 метри квадратни магацински простор, 1.000 метри квадратни административен дел и канцеларии и сместувачки капацитет за околу 400 товарни возила, во локалната економска зона „Илинден”.

Премиерот Спасовски во своето обраќање на свеченоста, подвлече дека оваа приватна инвестиција на компанијата „Дени Интернационал” е во согласност со владините политики за создавање услови за непречен развој на инвестициите и претприемничките иницијативи, кои даваат сериозен придонес во македонската развојна економија со повеќе инвестиции, нови работни места и повисоки плати.

,,Оваа иницијатива, да се инвестира во време на криза инспирира, поттикнува и охрабрува и јас се надевам дека многу бргу ќе ја вратиме состојбата од пред кризата за да ѝ дадеме нова динамика и забрзување на растот на домашната економија и да постигнеме солиден и одржлив раст на Бруто домашниот производ.  Ги охрабрувам сопственикот и менаџерите на „Дени Интернационал” да го задржат овој храбар дух на претприемачи и да пронајдат поддршка и во широката понуда на владините програми за поддршка на инвестициите и развојот на приватните инвестиции”, рече премиерот Спасовски во своето обраќање, по повод започнувањето на градежните работи на инвестицијата, која ќе отвори над 80 нови работни места.

Премиерот Спасовски поздравувајќи ја иницијативата на инвеститорите, која придонесува за развој на локалната самоуправа, оцени дека со новите вложувања, компанијата продолжува да ја остварува својата мисија и главната определба да се позиционира на високо место во деловната заедница, како компанија која негува највисоки стандарди во транспортот, шпедицијата и логистиката на овие дејности и да им излезе во пресрет на потребите и очекувањата на своите деловни партнери и клиенти преку обезбедување на квалитетни професионални услуги.

Честитки и желби за успешна работа упати и градоначалникот на Општината Илинден, Жика Стојановски кој подвлече дека инвестицијата на компанијата „Дени Интернационал” придонесува за економски раст и развој на Општината и регионот.

На отпочнувањето на работите беа присутни раководните лица на компанијата, меѓу кои и сопственикот на компанијата Страшо Јакимовски и заменик-извршниот директор Дејан Јакимовски.

Дејан Јакимовски во своето поздравно обраќање кон присутните, нагласи дека инвестицијата во новиот Логистички центар вредна околу 4,5 милиони евра ќе овозможи подобрување на работата во однос на давање на логистички услуги во државата, почнувајќи од обезбедување на транспорт, царинење на стоки, до утовар, истовар, складирање, пакување, препакување и паркинг, односно комплетни транспортно-логистички услуги.

 

извор / влада на рсм

Покажи повеќе
Назад на горното копче
mk_MK
sq mk_MK
Затвори